ОДРЖАНИ РЕГИОНАЛНИ СПОРТСКИ ИГРИ НА СОНК ВО МАКЕДОНСКА КАМЕНИЦА
Во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица вчера се одржаа регионалните спортски игри на СОНК-Делчево. На спортскиот настан учество зедоа членовите на синдикалните организации од Делчево, Пехчево, Берово и Македонска Каменица.
Во позитивна атмосфера, исполнета со фер-плеј и спортски дух, учесниците се натпреваруваа во неколку дисциплини и ја потврдија меѓусебната соработка и почит меѓу членовите на СОНК од регионот.
Симболично, победници имаше од сите четири општини, со што се потврди пораката на организаторите – најголем победник денес беше заедништвото.
Организаторите упатија благодарност до домаќините од ООУ „Св. Кирил и Методиј“ – Македонска Каменица, како и до претседателката на синдикалната организација Марија Јолдашева и нејзиниот тим за одличната организација и гостопримството. Од СОНК-Делчево најавија дека ваквите средби ќе продолжат и во иднина.


