Агенцијата за иселеништво ја посети поетесата Ратка Колева Дамњановиќ од Флорида
Денес Агенцијата за иселеништво ја посети Ратка Колева Дамњановиќ од Флорида, САД – минатогодишната добитничка на наградата за најдобра книга поезија од иселеник, доделена од жири-комисијата на Струшките вечери на поезијата за 2025 година.
На нејзина иницијатива, на 25 февруари 2026 година во Флорида за првпат е формирано Литературното друштво „Стојан Христов“. Ратка е доктор на науки по биомедицинско инженерство и поранешен новинарски дописник за „Млад борец“ од Скопје.
Посетата на Агенцијата ја оствари заедно со сопругот Александар, веднаш по учеството на Литературните средби во Струмица, каде настапи со уште 13 писатели од сите континенти.
Директорот Горан Ангелов се заблагодари за посетата, упати честитки за новоформираното друштво и посака успешна и плодна соработка со Агенцијата за иселеништво.

