Финале на турнирот „Рудник САСА 2026“: Се одлучува за шампионот во мал фудбал во М. Каменица
По возбудливите полуфинални натпревари, турнирот во мал фудбал „Рудник САСА 2026“ влегува во својата завршница, со натпреварот за трето место и големото финале што ќе се одиграат утре, четвртрок, 7 мај, во спортската сала при основното училиште во Македонска Каменица.
Програмата започнува во 19:00 часот со дуелот за третото место, каде ќе се соочат екипите на Технички служби и Хоризонт 800 – Капитални објекти.
Финалниот натпревар, кој ќе го даде победникот на годинешниот турнир, е закажан за 20:00 часот, а за титулата ќе се борат тимовите на Хоризонт 910 и Машинско одржување – Епирок.
По едномесечно натпреварување исполнето со неизвесност и спортски дух, најдобрите екипи ќе се соочат во борба за трофејот, ветувајќи атрактивна и динамична завршница.
Организаторот, Рудник САСА, упатува покана до сите граѓани да присуствуваат и да бидат дел од финалната вечер, да ги поддржат тимовите и заедно да го заокружат уште едно успешно издание на овој традиционален спортски настан.

