Бидете внимателни и одговорни зад воланот за време на продолжениот празничен викенд – Апел од РСБСП за безбеден 1 Мај
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот упати апел до сите учесници во сообраќајот по повод претстојниот празник 1 Мај и продолжениот викенд.
Се очекува голем број граѓани да патуваат на излети, во природа, на планина или покрај езеро, додека други ќе празнуваат дома.
Од РСБСП потсетуваат дека искуствата покажуваат дека за време на празници и продолжени викенди често се случуваат сообраќајни незгоди со сериозни и фатални последици.
„Сообраќајот не е место за трошење адреналин. Последиците се премногу сериозни за неодговорно однесување“, се наведува во апелот.
Затоа, РСБСП апелира: возете одговорно, почитувајте ги правилата и сигнализацијата, задолжително користете појас, не користете мобилен додека возите, не возете под дејство на алкохол и почитувајте ја брзината.
Планирајте го патувањето и правете паузи. Бидете совесни учесници во сообраќајот.
РСБСП ви посакува весел и безбеден празничен викенд. #ВОЗИОДГОВОРНО – Секој живот е важен!


