Во врска со десетгодишниот проблем со изградбата на мала хидроцентрала на река Блатешница, добивме соопштение за јавност од Месна заедница Блатец, кое ви го пренесуваме во целост:
Проблемите околу хидроцентралата на река Блатешница во Блатец продолжуваат откако на седница на Владата одржана на 03.10. 2025 год. повторно им е продолжен рокот на концесионерите за изградба на хидроцентралата до 07.03.2026 год.

Тоа беше аларм за жителите на Блатец повторно да се мобилизираат под паролата „СТОП ЗА ГРАДБА НА ХИДРОЦЕНТРАЛА НА РЕКА БЛАТЕШНИЦА“ и да продолжат со нивната борба која трае веќе десетина години за укинување на оваа концесија. Во изминативе десетина години тие во секоја прилика и секаде каде што е можно ја запознаваа јавноста и алармираа за штетноста од оваа мала хидроцентрала која треба да се гради на река Блатешница. А на терен со активни блокади на месното население не дозволуваат отпочнување на градба на истата. Исто така паралелно со теренската активност за спречување на градбата тие битката ја водат и низ правосудниот систем на државата со поднесување жалби, тужби и се она што може да допринесе за стопирање и поништување на коцесијата.
По оваа најнова ситуација дека концесијата е продолжена до 07.03.2026 год. жителите на Блатец уште еднаш решително и недвосмислено тргнаа во одбрана и зачувување на река Блатешница и повторно јавно и гласно кажуваат дека изградбата на хидроцентралата ќе има далекусежни катастрофално штетни последици најпрво: во водоснабдувањето на жителите на Блатец кои користат вода за пиење од зафат кој е изграден на реката, дел од каналите за наводнување ќе останат без вода, подземните извори кои по должината на реката ги напојуваат селските чешми ќе пресушат. Речното корито и целиот биодиверзитет во и околу ќе доживее еколошка катастрофа како резултат на пресушување на реката. Затоа што цевководот што треба да биде изграден за хидроцентралата во должина од 3 км. ќе ја стави целата река во цевки. Од овие причини за да не се дозволи голема катастрофа и загрозување на жителите на Блатец со вода за пиење и наводнување и да се спречи уште една несогледлива еколошка катастрофа и уништување на едно од најубавите планински речни корита и рибниот фонд во него, повторно застануваат во одбрана на овие природни благодети и неотуѓивото право за користење на вода за пиење. И јасно порачуваат: ние жителите на Блатец како никогаш по обединети цврсто стоевме досега, а отсега уште поцврсто и ќе опстоиме во одбрана се додека државата не ја укине и трајно поништи концесијата. Исто така упатуваме јавен апел до сите оние кои на било каков начин сакаат и можат да ни помогнат секогаш се добредојдени. Продолжуваме сплотено со блокади и дежурства и нема да дозволиме да се случи уште една катастрофа од такви мали хидроцентрали.

