Ако не ги ажурирате бројот и имејлот – 100 евра глоба
Забраната за управување возило може да трае од еден месец до една година | Фото: БИРН
Системот во возачките книшки и негативните поени, кој не беше целосно уреден, со законските измени се доуредува.
Од први февруари догодина, возачот што трипати во рок од четири години ќе добие правосилна забрана за управување со возило од иста категорија, ќе остане без возачката дозвола. Судот ќе му ја одземе дозволата, а сторителот на прекршокот нема да смее повторно да полага возачки испит најмалку една година.
Откако судот ќе ја одземе возачката дозвола, одлуката ќе биде испратена до МВР. Потоа, возачот ќе добие СМС или имејл дека дозволата му престанува да важи за осум дена.
Забраната за управување возило што ја определува судот може да трае од еден месец до една година, а податоците за изречените мерки ќе им бидат достапни и на граничните служби.
Ако забраната му е изречена на странец што има странска дозвола за управување возило, нема да смее да вози на територијата на земјава, а за тоа ќе биде известена и граничната полиција.
Законски измени има и во Законот за возила.
Секој сопственик на возило, ако направил промена на телефонскиот број или на имејлот, во рок од три дена, во станицата за технички преглед, мора да ги ажурира тие податоци. Непочитувањето на оваа обврска ќе се казнува со глоба од 100 евра, а санкции се предвидени и за фирмите – во зависност од нивната големина.
Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата се воведува толеранција при мерењето на брзината, при што од измерената вредност задолжително ќе се одзема маргината на грешка на мерниот уред. Не е наведено колку е маргината на грешка.
Се забранува управување возило под дејство на опојни дроги и психотропни супстанции, а новите законски правила донесуваат и дополнителни обврски за автошколите – кандидатите за предавачи, инструктори, контролори и испитувачи на сообраќајни правила да полагаат стручен испит за работа пред комисија во МВР.
Законот ги прецизира и зоните со смирен сообраќај, воведувајќи „зона училиште“ и „зона 30“.
Измени има и во Законот за извршување на санкциите и во Законот за полиција.

