
Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски вечерва на својот официјален профил објави видео од терен, на кое се гледаат активните градежни активности на мостот преку реката Габровчица кон населбата Ново Делчево.
И покрај доцните часови, екипите на Општина Делчево со механизација и работници продолжуваат да работат на проширување на мостот, со што, како што посочи Гоцевски, се обезбедува подобра патна инфраструктура и поголема безбедност за сите жители.
„Работиме и доцна навечер за поубаво и побезбедно Делчево. Ова е дел од нашата посветеност кон граѓаните и подобрување на условите во секој дел од општината“, стои во објавата на градоначалникот.
Најави дека со исто темпо ќе се продолжи и во наредниот период, со цел уредување на критичните точки и модернизација на локалната инфраструктура.

