
Одржано стручното предавање со едукаторот Елвир Чутура од БиХ во организација на „ЕкоКамМед“ Македонска Каменица

Македонска Каменица, 06. Декември 2025 година – Здружението на пчелари „ЕкоКамМед“ од Македонска Каменица денеска го реализираше стручното и практично предавање со познатиот едукатор од Босна и Херцеговина, Елвир Чутура. Настанот се одржа во Домот на културата и привлече голем интерес, не само од локалните пчелари, туку и кај пчелари од Кочани, Велес, Делчево, Виница и други градови од регионот.

Во текот на предавањето, Елвир Чутура ги разработи двете главни теми посветени на современи пристапи во пчеларството – производството и одгледувањето селекционирани матици, методите за додавање повеќе матици, како и успешните начини за развој на пчелните заедници во пролетниот период. Присутните имаа можност одблиску да се запознаат со техниките кои овозможуваат подобро презимување, посилен пролетен старт и ефикасна подготовка за главната паша, со цел да се обезбедат високи приноси и стабилни пчелни семејства. Посебен интерес предизвика темата за работата со 1 и 4 матици, која отвори дискусија и поттикна дополнителни прашања и размени на добро проверени практики.

„ЕкоКамМед“ со задоволство го споделува позитивното искуство од овој настан, кој покрај високата едукативна вредност, придонесе и за уште поблиско поврзување на пчеларите од целиот регион. Здружението, на чело со претседателот Јован Велиновски, останува посветено на организирање на средби и активности кои ќе овозможат континуирано надградување на знаењето и промовирање современи пчеларски практики.
Линк до видео изјавите на Јован Велиновски, претседател на Здружението на пчелари „Еко Кам Мед“ од Македонска Каменица, еминентниот балкански едукатор Елвир Чутура од Сараево, Босна и Херцеговина, како и изјавата на Борче Атанасов од Кочани, претседател на тамошното здужение на пчелари „Матица“, во рамки на вечерашното предавање во Домот на култура: https://www.facebook.com/share/v/1DHB7FGHSM/



