Кочани воведува нов еднонасочен режим на сообраќај во центарот од почетокот на декември
Во првата половина на декември во Кочани ќе стапи на сила изменет режим на сообраќај на двете главни улици во централното градско подрачје. Одлуката беше донесена на денешниот состанок на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, на кој присуствуваше и градоначалникот Владко Грозданов.

Според новата сообраќајна документација, улиците „Тодосија Паунов“ и „Кеј на Револуцијата“ ќе станат еднонасочни во правец југ–север, од кружниот тек кај Полициската станица до мостот кај Градскиот плоштад. Еднонасочен ќе биде и дел од ул. „Маршал Тито“, од мостот кон кружниот тек кај Двојниот мост на ул. „Никола Карев“.
Промените произлегуваат од јавни расправи и бројни стручни анализи, со цел да се надмине хроничниот недостиг од паркинг и да се подобри протокот на сообраќај во центарот. По изготвениот проект и ревизија, СВР Штип даде согласност, а Општина Кочани ја донесе конечната одлука.
Новите решенија ќе се спроведат во координација со Подрачното одделение за безбедност во сообраќајот. На седницата беше разгледана и Програмата за работа на ОСБСП за 2026 година.

