Интензивните врнежи од дожд предизвикаа серија одрони на патните правци од Македонска Каменица кон Кочани и Делчево, значително отежнувајќи го сообраќајот и намалувајќи ја безбедноста на возачите.
Синоќа, на патот Македонска Каменица – Кочани, веднаш по ресторанот „Саваро“ од возачи беше забележан поголем камен одрон на двете коловозни ленти. Информациите испратени од наши читатели, ни потврдија дека покрај овој одрон, на истата делница има и повеќе помали и поголеми камени падови на критични места, што го прави движењето особено опасно во ноќните часови.
Слична состојба е и на патниот правец Делчево – Македонска Каменица, каде според информации од возачи, има наноси од поголеми количества на земја и камења кај село Очипала и во близина на Баткова Чешма. Поситни одрони се присутни на повеќе делови од патот, поради што сообраќајот се одвива со претпазливост и намалена брзина.
Коловозната површина е влажна, видливоста е делумно намалена, а условите за возење се нестабилни. Надлежните служби упатуваат апел до сите возачи да се движат внимателно и со прилагодена брзина. Екипи се присутни на терен и работат на расчистување на одроните со цел што побрза нормализација на сообраќајот.

