Во Делчево денеска беше одржана јавна презентација на Регионалниот план за управување со отпад (РПУО) и придружната Стратегиска оцена на животната средина (СОЖС), изработени во рамките на проектот финансиран од Европската Унија „Поддршка на имплементацијата на регионалните системи за управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион“.
Целта на јавната консултација беше да се обезбеди поголема транспарентност, активно учество на јавноста и вклучување на мислењата на локалната заедница во дизајнот и имплементацијата на новиот интегриран систем за управување со отпад.

Регионалниот план го дефинира стратешкиот пристап, неопходната инфраструктура и активностите за воспоставување одржлив систем за управување со отпад, во согласност со националните политики и европските еколошки стандарди. Стратегиската оцена, пак, ги анализира потенцијалните влијанија врз животната средина и предлага мерки за нивно ублажување и унапредување.
На презентацијата присуствуваа градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова и градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, претставници од Советот на Општина Делчево, општинската администрација, ЈКП „Брегалница“, како и заинтересирани граѓани.
Извор на текст: https://www.facebook.com/share/p/1DLKx4bQSb/


