Здружението „Контакт 3 – Заокружување“ успешно реализира работилници за деца и родители во Македонска Каменица
Во организација на Здружението „Контакт 3 – Заокружување“, вчера во Македонска Каменица беа одржани три работилници. Две наменети за најмладите во рамки на концептот „Креативно детство“ и една за родителите под наслов „Свесно родителство“.

Работилниците беа исполнети со игра, искреност, учење и моменти на вистинско поврзување меѓу децата и нивните родители. „Нашата цел е да создадеме простор каде децата преку креативноста ќе ја истражуваат својата имагинација, доверба и слобода, а родителите ќе добијат можност да застанат и да се погледнат себеси во огледалото на своето дете,“ – изјавија од Здружението.

Организаторите посочија дека ваквите активности носат долгорочна вредност за семејствата. „Веруваме дека секоја мала промена во нас, секое ново “аха” во свеста на родителот и секој миг на радост кај детето создаваат поширок круг на здрави и топли односи во семејството,“ велат од „Контакт 3 – Заокружување“.

Здружението упати голема благодарност до сите учесници кои беа дел од овој процес, како и до Општина Македонска Каменица за поддршката. „Поддршката од локалната самоуправа е важна, бидејќи преку заедничко делување можеме да придонесеме за посилна и посреќна заедница,“ додадоа организаторите.
Следните работилници ќе се одржат во сабота, на 4 октомври 2025 година.

