Здружението на пензионери од Македонска Каменица со пригодна свеченост го одбележа Денот на пензионерите

Македонска Каменица, 19. Септември 2025 година – Во пресрет на празникот, Здружението на пензионери од Македонска Каменица традиционално го одбележа Денот на пензионерите – 20 Септември. Настанот организиран од Здружението на пензионери од Македонска Каменица, се одржа во присуство на градоначалникот Димчо Атанасовски, директори на локални институции и претпријатија, како и гости од здруженијата на пензионери од Пробиштип, Пехчево, Делчево и Штип.

Претседателката на Здружението, Јаворка Соколовска, за медиумите изјави: „Овој ден е посветен на сите пензионери, на нивната долгогодишна работа, труд и посветеност. На сите наши пензионери од срце им посакувам многу здравје, со желби за среќа, многу дружење и убавини со радости во пензионерските денови.
Таа додаде: „Нашата мисија е да ја чуваме солидарноста и пријателството меѓу генерациите и да им обезбедиме поддршка на сите членови. Благодарни сме на сите кои ни помагаат да ги оствариме нашите цели.“

Градоначалникот Димчо Атанасовски истакна: „Честитки до сите пензионери по повод нивниот празник. Благодарен сум за поканата и задоволен од многубројните спроведени активности на здружението. Ме радува фактот што поголемиот дел од нив, здружението ги спроведува со поддршка од Општина Македонска Каменица. Како општина ќе продолжиме, во зголемена мера, да ги поддржуваме овие активности и ќе се залагаме за унапредување, пред се на сите социјални услуги, со цел подобрување на животот на нашите пензионери.“
Свеченоста помина во пријатна и топла атмосфера, со дружење, музика и пригодна културна програма. Свое обраќање пред присутните пензионери имаа претседателката на здружението и градоначалникот.


