Започна изградбата на улицата Питу Гули во Македонска Каменица
Македонска Каменица – Започнаа првичните работни активности за изградба на улицата Питу Гули во Македонска Каменица. Во моментов се вршат подготвителни земјени работи и поставување на подземни инфраструктурни инсталации, што ќе придонесе за унапредување на сообраќајната и комуналната инфраструктура.

Градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски, изјави дека оваа инвестиција значително ќе го подобри квалитетот на животот на граѓаните. “Со реализацијата на овој долгоочекуван проект, граѓаните конечно ќе добијат побезбеден и поквалитетен пристап до своите домови. Истовремено, ќе биде унапредена и урбаната инфраструктура во овој дел од градот, што е еден од нашите приоритети,” истакна Атанасовски.

Вредноста на проектот изнесува 10.423.416,00 денари, а финансирањето е целосно обезбедено од Владата на Република Македонија. Градоначалникот Атанасовски ја изрази својата благодарност до премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа, Златко Перински, за нивната поддршка во реализацијата на овој значаен проект. “Оваа инвестиција е уште еден доказ за нашата заложба да создаваме подобри услови за живот на сите жители на Македонска Каменица. Градиме урбана, модерна и развиена општина!” додаде Атанасовски.
Изградбата на улицата Питу Гули е дел од пошироката стратегија за инфраструктурен развој на општината, со што се очекува значително подобрување на пристапноста и функционалноста на градските улици и локалните патишта и до најкрајните населени места.

Г.Б.Р.

