Интензивно се работи на изградбата на улица Ковачевска во Стара Каменица
Во Стара Каменица во тек е интензивна реализација на градежните работи за пробивање и тампонирање на улицата Ковачевска, со вкупна должина од 550 метри. Овој значаен инфраструктурен проект е финансиран од Владата на Република Македонија и има за цел трајно решавање на проблемите со пристапноста и квалитетот на патната инфраструктура во овој дел од Македонска Каменица.
Градоначалникот на општината, Димчо Атанасовски, истакна дека во моментов се вршат мерења за збиеност на тлото, што е неопходен чекор за обезбедување на квалитет и долготрајност на новиот пат.
„Оваа инвестиција е дел од нашата поширока стратегија за подобрување на локалната патна мрежа. Континуирано и посветено работиме на инфраструктурни проекти во сите населени места, со цел секој жител да има пристап до модерна, безбедна и функционална патна мрежа“, изјави Атанасовски.
Градежните активности продолжуваат со несмален интензитет, а локалната самоуправа најавува дека ваквите проекти ќе бидат приоритет и во иднина, во насока на подобрување на условите за живот во општината.






