Започнаа подготвителните актвности за изградба на улица Ковачевска во Македонска Каменица
Македонска Каменица, 04. Февруари 2025 година – Денеска започнаа подготвителните активности за изградба на улица Ковачевска во должина од 550 метри, проект што овозможува значајни подобрувања во инфраструктурата на овој дел од градот.
При увидот на терен беше потврдено дека работите се одвиваат согласно предвидената динамика. Со реализацијата на оваа улица, жителите од овој приградска населба ќе добијат подобрени услови за живот, полесен пристап до нивните домови, како и зголемена безбедност во сообраќајот. Овие подобрувања ќе придонесат за повисок квалитет на секојдневното функционирање на граѓаните.

Градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски, истакна дека оваа инвестиција е од големо значење за локалното население. „Со изградбата на улица Ковачевска правиме уште еден значаен чекор кон подобрување на патната инфраструктура во нашата општина. Ова е проект што директно ќе го подобри секојдневието на нашите сограѓани,“ – изјави Атанасовски.
Тој додаде дека локалната самоуправа останува посветена на континуирани вложувања во инфраструктурата. „Оваа улица е само еден од проектите што ги реализираме. Продолжуваме со нови инвестиции кои ќе го унапредат животот на граѓаните и ќе создадат подобри услови за развој на општината,“ нагласи градоначалникот.

Изградбата на улицата се реализира со финансиски средства обезбедени од Владата на Република Македонија, во висина од 4.606.018 денари. Локалната самоуправа изрази благодарност до Владата, премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа, Златко Перински, за нивната поддршка во развојот на општината и најавените идни инвестиции.
„Вашата поддршка е од големо значење за развојот на нашата заедница“, беше истакнато при увидот на градежните работи.

Проектот претставува дел од континуираните напори за подобрување на патната инфраструктура во Македонска Каменица, со цел подигнување на квалитетот на живот на граѓаните и создавање на побезбедни и модерни сообраќајни решенија.


