Бадникова радост во Македонска Каменица: Децата ги исполнија улиците со песна и насмевки

Македонска Каменица, 6 јануари 2025 година – Денеска, граѓаните на Македонска Каменица го одбележаа Бадник со свечена Бадникова поворка и Света литургија во храмот „Успение на Пресвета Богородица“, со која чиноначалствуваше Епископот Делчевско каменички, г. Марко.

Улиците на градот беа исполнети со радост и топлина, додека многубројни деца со насмеани лица и чисти гласови ја пееја традиционалната христијанска песна „Вечниот Бог“. Оваа христијанска традиција, која го одразува духот на љубовта и христијаството, донесе празнично расположение во градот.

По завршувањето на литургијата, Епископот г. Марко се обрати до верниците, истакнувајќи го значењето на Божиќните празници. Тој ги повика присутните да го следат примерот на Христос, кој со својата љубов и жртва ни го покажал патот кон спасението. „Бог стана човек за ние да се обожиме“, истакна Епископот, додавајќи дека секоја Света Литургија е можност за духовно зближување.

На крајот, со благослов на Епископот, на сите деца им беа поделени празнични пакетчиња, донесувајќи дополнителна радост за најмладите.
„Од сè срце ви го честитам денешниот празник Бадник и утрешниот Божиќ – денот на Христовото раѓање. Нека донесат мир, радост и благослов во секој дом“, порача градоначалникот на Општина Македонска Каменица, Димчо Атанасовски.

Бадник останува празник кој ги обединува сите генерации, исполнувајќи ги срцата со љубов и духовна радост.

За многу години празникот, браќа и сестри христијани, Македонци!

