Денеска, по повод 3. Декември – Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, градоначалникот Димчо Атанасовски организираше прием во чест на нашите сограѓани кои со својата упорност, истрајност и сила се вистинска инспирација за сите нас.
– Во рамки на приемот, со претседателката и членови претставници од Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост (ЦПЛИП) „Порака“ од Македонска Каменица, имавме можност да размениме мислења, идеи и искуства кои ќе придонесат за унапредување на правата и условите за живот на лицата со посебни потреби во нашата општина, – вели градоначалникот Атанасовски

Македонска Каменица, како што се вели во понатамошниот текст од соопштението за јавност упатено од градоначалникот Атанасовски, се стреми да биде место каде секој граѓанин ќе се чувствува прифатено, поддржано и рамноправно. Особено сме горди што Општина Македонска Каменица, покрај изградбата на Дневниот центар како модерен и современ објект, обезбеди и специјализирано превозно средство за потребите на центарот, со што дополнително се подобрува пристапноста и квалитетот на услугите, – додава Атанасовски

Градоначалникот ја искористи приликата да истакне дека Општина Македонска Каменица и понатаму ќе вложува напори во создавање на инклузивна заедница, преку проекти за пристапност, образование, здравствена заштита и вработување на лицата со посебни потреби. Денеска, на лицата со посебни потреби им врачив вредносни ваучери, како дополнителна поддршка од Општина Македонска Каменица за нивните секојдневни потреби и активности.
На крајот од текстот, градоначалникот Атанасовски упатува благодарност до сите организации, институции и поединци кои со својата работа и поддршка се залагаат за подобрување на квалитетот на живот на овие наши сограѓани. Наша заедничка обврска е да изградиме свет кој ги прифаќа различностите и ја вреднува секоја индивидуалност.


