Со „Експлозивниот ајвар“, како што е името што му го дале на роботот, петмина средношколци од Македонија и нивните двајца ментори ќе учествуваат на светскиот натпревар по роботика „FIRST Global Challenge“ што од денеска до недела се одржува во Атина и заедно со нивни врсници од над 190 земји ќе се обидат да најдат одржливи решенија преку инженерството и роботиката за глобалните проблемите меѓу кои и справување со кризата со храна, јави дописничката на МИА од Атина.

Учениците Димитриј Митковски, Елени Трпковска, Давид Маневски, од средното училиште „Георги Димитров“, ученикот Тимотеј Николовски од „Михајло Пупин“ и Марко Јанкуловски од средното училиште „Јахја Кемал“, заедно со нивните ментори Јаков Спировски и Ален Куљеван се подготвени за предизвиците на овогодинешниот натпревар.
Непосредно пред почетокот роботската Олимпијада, дописничката на МИА од Атина, го посети штандот на нашата репрезентација на стадионот „Мир и пријателство“, каде што се одржуваат натпреварите, поразговара со членовите на тимот, кои ги споделија нивните очекувања и искуството, а говорат и за роботиката во нашата земја, за која велат дека постои интерес од младите, но недостига промоција и поддршка.

Извор: denesen.mk

