Македонска Каменица, 26. Септември 2024 година – Со инсталирање на фотоволтаични централи за производство на електрична енергија на Домот на култура, Куќата на спортот и Дневниот центар за лица со посебни потреби во Македонска Каменица, општина Македонска Каменица прави значителен чекор кон изградба на енергетски ефикасна, позелена и еколошки чиста општина.

За проектот, градоначалникот Димчо Атанасовски вели дека се реализира во соработка со Центарот за развој на Источен плански регион, од каде за имплементација на истиот се издвоени средства во висина од 2 193 505,оо денари со вклучен ДДВ.
– Инсталирањето на фотонапонските централи е во напредна фаза и очекуваме започнатите активности да бидат завршени до крајот на месец септември. Со инсталацијата на фотоволтаичните системи од 39,24kWp на Домот на култура, 17,44 kWp на Куќата на спортот и 39,24 kWp на Дневниот центар за лица со посебни потреби, или вкупно 95,92 kWp, очекуваме значителна заштеда и намалување на сметките за електрична енергија за овие објекти, – истакнува Атанасовски

Како што, градоначалникот Атанасовски го изрази своето уверување до граѓаните, овој проект е само почеток на една нова ера на одржлив развој во општина Македонска Каменица.
– Ќе продолжиме да работиме на спроведување на мерки кои ќе го подобрат квалитетот на живот на сите наши граѓани и ќе работиме на зачувување на природните убавини на нашата општина и регионот, – стои на крајот од текстот на соопштението за јавност од Димчо Атанасовски, градоначалник на општина Македонска Каменица

Претходно, општина Македонска Каменица со свои средства инсталираше фотоволтаична центала од приближно 40kWp на Основното општинско училиште “Св. Кирил и Методиј”.


