Македонска Каменица, 24. Септември 2024 година – Денеска, во Домот на култура во Македонска Каменица се одржа „Младински форум 24“ во организација на Фондацијата за развој на локалната заедница Штип (ФРЛЗ).
На форумот беа презентирани постигнатите резултати од втората година од реализацијата на проектот „Направи разлика“ и беа споделени успешните приказни, искуства и достигнувања на претходни членови од „Младинските банки“. Акцентот беше ставен на нивната работа, обуките кои имаа можност да ги проседат за стекнување на нови вештини, настаните за прибирање на средства и реализираните иницијативи.
Говорници на форумот покрај Извршниот директор на Фондацијата за развој на локалната заедница Штип, Невенка Лонгурова Гирова беа и Анастасија Гоцевска, како одговорно лице за реализација на настанот за собирање на средства „Кино на отворено“ – Македонска Каменица и Ирена Атанасовска, член на Младинската банка од Македонска Каменица. За своите искуства од работата на „Младинската банка“ пред присутните споделија Кире Јованов и Јован Лонгуров од Штип.
– Целта на форумот е поттикнување на креативноста и иновативноста кај младите. Да бидат двигатели на промените во заедницата и преку нивното активно учество да разменуваат идеи, знаења и искуства за подобрување на истата. Преку нови партнерства и соработка помеѓу младите да сакаат да направат разлика во својата заедница, – велат од Фондацијата за развој на локалната заедница Штип (ФРЛЗ)
Активноста е во рамките на проектот „Направи разлика“, финансиран од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).






