Македонска Каменица, 23. Септември 2024 година – Денеска, во Македонска Каменица се одржа четвртиот Рекреативен марш во природа во чест на херојот Миле Јаневски Џингар.
Учество во маршот зедоа ученици и дел од професорите при Средното општинско училиште од Македонска Каменица кое го носи името на херојот Миле Јаневски Џингар.
Маршрутата која учениците ја поминуваат секоја година е долга околу 10 километри. Започнува пред споменикот во училишниот двор на СОУ ,,Миле Јаневски Џингар”, а завршува во неговото родно маало Ума, во село Костин Дол.
„Миле Јаневски е роден во село Костин Дол, Македонска Каменица на 24.07.1971 година. Син на скромното семејство на мајката Душка и таткото Бранко. Миле со својата сопруга Оливера има син единец, Бојан. Како водник во БСН Волци, во служба на безбедносните сили во одбрана на територијалниот интегритет на Македонија, загинува кај Вејце, Тетовско, на 28 април 2001 година.
Миле Јаневски – Џингар посмртно е одликуван со медал за храброст од Претседателот на Македонија“. Денес, Средното општинско училиште во Македонска Каменица и една од улиците во градот го носат неговото име.







