
Македонска Каменица, 20.02.2019 година – Во тек се последните подготовки за престижниот кошаркарски квалификациски турнир Basket4Kids, кој во организација на SportKlub TV оваа сабота ќе се одржи во спортската сала во Македонска Каменица. Во рамки на турнирот, како што информираа од екипата на Баскет Кам, ќе се одиграат кошаркарски натпревари помеѓу деца на возраст до 12 години.
-Ова е значаен ден за најмладите кошаркари од нашиот град. Исто така спортскиот настан е значаен и интересен настан за љубителите на кошарката од Македонска Каменица и регионот. Ние како кошаркарска екипа ќе бидеме домаќини на овој кошаркарски турнир кој веќе неколку години се одржува во сите држави на просторите од бивша Југославија. Турнирот ќе се игра во сабота на 23 февруари со почеток во 10:00 часот во Спортската сала во Македонска Каменица, истакна Горан Даниловски од КК Баскет Кам М.Каменица.
Даниловски додаде дека, очекувањата од турнирот се тој да биде одлична можност за дружба помеѓу најмладите кошаркари, промоција на силниот развој на кошарката во Македонска Каменица на едно повисоко ниво и секако можност за размена на искуства од кошаркарската игра.
Годинава покрај Македонска Каменица домаќин на натпреварите помеѓу кошаркарски екипи до 12 години ќе бидат и Скопје и Кавадарци.
