Осумнаесетте градоначалници од Источниот и Североисточниот плански регион и општина Свети Николе, која е дел од Вардарскиот регион, денеска во Штип едногласно одлучија да се формира меѓурегионално јавно претпријатие, кое ќе управува со современиот систем за управување со отпад, кој ќе биде лоциран во близина на светиниколското село Мечкуевци.
Со оваа одлука, градоначалниците го откочија процесот за користење на 35 милиони евра што Европската унија ги дава за набавка на опрема, камиони, изградба на претоварни станици, контејнери и изградба на регионалната депонија, односно современ систем за управување со отпад.
Градоначалникот на Штип, Благој Бочварски истакна дека веќе не е спорна ниту локацијата на депонијата. Владата го прифатила барањето на општина Свети Николе за изградба на нов пат, кој ќе води до самата депонија, бидејќи согласно претходниот проект, камионите кои ќе го носат сметот од општините од источниот регион, требаше да минуваат низ Свети Николе. Бочварски забележува дека овие два региони ќе бидат првите кои ќе добијат депонија согласно европските стандарди, а во меѓувреме ќе се затворат сите депонии во двата региони, коишто во моментов ги задоволуваат стандардите на ѓубришта.
– Се работи за поголеми средства над 35 милиони евра кои треба да ги добиеме како грант од ЕУ, неповратни пари, со цел да добиеме почиста и поздрава животна средина, појасни Бочварски.
Новото регионално јавно претпријатие ќе нуди услуги за собирање на смет на околу 300.000 граѓани од двата региони, а во следниот период тим од правници треба да го направи статутот на претпријатието.
– Она што ќе биде направено како статут и ќе биде договорено како процент на управување и учество во органите на управување на ова јавно претпријатие да биде задоволително и во интерес на сите општини кои учествуваат во оваа постапка, изјави градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.
Градоначалникот на Свети Николе, Сашко Велковски смета дека експерти од Министерството за животна средина треба да излезат на терен и на месното население да му објаснат како ќе функционира овој современ систем за депонирање на сметот од двата региони, бидејќи населението на овој дел има обработливи површини и фарми.
На денешниот состанок имаше дебата меѓу градоначалниците дали новото претпријатие да биде јавно или акционерско. Сепак преовлада мислењето дека претпријатието треба да биде јавно.
Градоначалниците на Пробиштип, Берово, Каратово и Карбинци забележаа дека со реализацијата на овој капитален проект ќе имаат бенефит и граѓаните и општините кои ќе ги затворат депониите што се на ниво на ѓубришта и ќе нема загадување на животната средина. Новиот современ систем за депонирање на смет за двата региони ќе биде од затворен систем, а како што велат експертите, коишто со години работат на овој проект, ќе биде фабрика за отпад, но без големи профити.
Ана Каранфилова од Министерството за животна средина истакна дека има безброј примери во европските земји како функционираат овие системи за управување со депонии, како што е Германија, каде функционираат вакви јавни претпријатија.
Извор ММС
