Македонска Каменица, 19.01.2019 година – Топењето на снегот ја зголеми појавата на одрони на патниот правец од Македонска Каменица до село Драмче кои во делови од магистралниот пат А3 го попречуваат нормалното одвивање на сообраќајот. Појавата на одрони е најизразена на потегот од патот кој скршнува до село Драмче до местото викано Баткова чешма. Исто така видни одрони се забележливи и на потегот од селото Илиово до село Луковица. Од Македонија пат информираат дека дежурни екипи се на терен и работат на расчистување на одроните.
-Ги известуваме возачите дека поради топењето на снегот има појава на одрони на неколку делници од магистралниот пат А3. Критичните места се воочени од наши екипи кои работат на санирање на состојбата. Препорачуваме на гореспоменатите делници сепак да се вози внимателно се до целосно расчистување на истите, вела од Македонија пат- Делчево.
Што се однесува до состојбата на сообраќајот на патиштата на патниот правец А3, истиот како што информираат од Авто – Мото Сојуз на Македонија, освен на осојничави места каде е забележлива мала појава на голомразица истиот во најголем дел се одвива по суви коловози.
