Иако владата на претседателот Емануел Макрон се откажа од најавениот данок на горива, протестите на движењето „Жолти елеци“ не престануваат. Тие бараат пониски даноци, зголемување на минималните плати и пензии.
„Во вчерашните протести учествува околу 136.000 лица. Полицијата приведе повеќе од 1.700 демонстранти. Повредени се најмалку 120 лица како и 20 припадници на полицијата. Полицијата се судри со демонстрантите и во Лион, Тулуз; Марсеј, Бордо.“ изјави Кристоф Кастане – министер за внатрешни работи на Франција.
Во исто време, протести се одржуваат во Брисел, Белгија, а полицијата ја блокираше целата зона во којашто се наоѓаат европските институции, забранувајќи ги приодот во оваа зона за пешаците и за возила. Главниот коалициски партнер во Владата на Белгија, доцна синоќа одлучи да ја напушти извршната власт. Протести се одржуваат и во Холандија. Аналатичарите сметаат дека причина за протестите во Франција, во голема мера е во тоа што францускиот народ очекувал од Макрон, како што тој и ветуваше, да се ангажира со проблемите на мнозинството. Заради тоа, избирачите се чувствувале изиграно што резултираше со огромна поддршка на „Жолтите елеци“.
Со ескалација на насилствата се забележува зголемување на поддршката за десницата. Така, според анкетата на Еуроп елект објавена на твитер, крајно десничарската партија на Марин Ле Пен во овој период има 42 проценти подршка наспроти актуелниот претседател Емануел Макрон чија популарност изнесува 5 проценти. Поранешниот француски премиер, Ален Жипе, од десноцентристичката партија Републиканци и актуелен градоначалник на Бордо, изјави оти смета дека претседателот Емануел Макрон мора „конкретно да одговори на некои легитимни очекувања“, дека мора да одржи „решителен говор“ упатен до Французите, но истовремено да покаже „разбирање и емпатија“.
„Овие немири мора да се прекинат. Претседателот на Републиката треба да проговори, и тоа многу скоро. Тој говор мора да биде силен и одлучен, но истовремено од него треба да извираат разбирање и емпатија, бидејќи бројните барања на ’Жолтите елеци’ заслужуваат да бидат разгледани.“ – изјави Ален Жипе – градоначалник на Бордо.
Во овој момент, за евентуално смирување на насилствата, клучно прашање за Макрон е дали на демонстрантите ќе им го даде она што го бараат, а тоа е пред се повеќе пари за нив како и дали Франција финансиски тоа ќе може да си го дозволи.
Во секој случај, уште од француската буржоаска револуција која е запаметена како настан кога падна Бастиља, а Луј 16 и Марија Антоанета завршија на гилотина, сосема е извесно дека и демонстрациите на движењето „Жолти елеци“ ќе бидат забележани во историјата на Франција.
