Македонска Каменица 21.11.2018 година – Државата со пари ќе ги поттикнува земјоделците да се организираат во земјоделски задруги. На овој начин би требало да се модернизира македонското земјоделство и да се зголеми неговата конкурентност:
„Наша цел е да поттикнеме модернизација на македонското земјоделство и зголемување на неговата конкурентност. Со развојот на земјоделските задруги го постигнуваме токму тоа. Овозможуваме здружување на земјоделските производители, со што им следуваат бројни економски и социјални придобивки. Ова е значаен проект за македонското земјоделство, бидејќи со развојот на земјоделските задруги следуваат бројни економски и социјални придобивки за земјоделците, изјава Љупчо Николовски министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во оваа насока во тек е реализацијата на проектот „Поддршка за развој на земјоделските задруги во Република Македонија“,финансиран од Инструментот за претпристапната помош на Европската унија, започна во декември 2017 година и ќе трае 4 години. Истиот предвидува директна техничка и финансиска поддршка во вид на грантови на 8 постоечки и 12 новоформирани задруги.
Досега беа објавени два јавни повика на кој што пристигнаа 51 апликација. Од нив 20 апликации се од постоечките задруги, а 31 апликација се за формирање на нови задруги.

Сите тие ќе добијат техничка помош и помош за изготвување на бизнис планови. Во периодот што следува ќе се објави уште еден повик на кој што од сегашните пристигнати апликации, ќе се изберат 12 нови и 8 постоечки задруги кои ќе добијат финансиска поддршка.
Просечната сума на грантовите ќе изнесува 50.000 евра, а максималната 80.000 евра, со 20% кофинансирање.
