
Берово, 20. Јули 2018 година – Советот на Источниот плански регион денес во Берово ја одржува својата шеста редовна седница на чиј дневен ред се повеќе точки, меѓу кои поставување на Меѓурегионален технолошки парк меѓу Вардарскиот и Источниот плански регион, одобрување средства за финансирање на проекти за развој во регионот, потоа грантова шема за поддршка на Центрите за развој на планските региони и повеќе предлог одлуки кои се однесуваат на финансиска поддршка на руралниот развој за оваа 2018 година. На денешната седница ќе се дискутира и за програмата за капитални субвенции за развој на планските региони во областа на земјоделието и руралниот развој и ќе се донесува одлука за преотстапување на спомен обележје на местото на кое загинал Никола Карев- Свиланово.

Според Сухејл Фазлиу, министер за локална самоуправа, ветувањата за зголемување на средствата наменети за рамномерен регионален развој веќе се остваруваат бидејќи со програмирањето на новиот буџет за 50% се зголемени во однос на претходните години.
„Како Влада сме задоволни од проектите кои аплицирале од источниот регион, во Министерството за локална самомуправа и Агенцијата за рурален развој, можам да кажам дека овој регион има добиено вкупно 11 проекти кои се од сферата на туризмот и животната средина. Верувам дека ние како влада ќе продолжиме уште повеќе да се трудиме да обезбедиме уште повеќе средства за рамномерен регионален развој, истакна Фазлиу.

На новинарско прашање дали е започната постапката за изработка на анализа за степен на развиеност на планските региони, министерот Фазлиу потенцираше дека анализата е планирано да започне наредната недела во рамки на проект кој ќе се реализира со Швајцарска Амбасада. За нејзина изработка ќе бидат ангажирани повеќе експерти кои детално ќе ја анализираат состојбата и за кратко ќе го имаат и финалниот документ.
Во делот на работата на веќе формираните Бизнис Центри, Фазлиу истакна дека и за оваа намена се издвоени повеќе средства, а истите треба да бидат во насока на обезбедување детални информации за местото, ресурсите кои им стојат на располагање и потребната документација за локално или централно ниво на сите потенцијални приватни странски инвеститори.
Според градоначалниците на Општините Берово и Кочани, Звонко Пекевски и Николчо Илиjев, кои исто така присуствуваат на денешната седница, издвојувањето повеќе средства за регионален развој значи многу за малите општини во источниот регион и токму поради тоа конкурирале со повеќе проекти за кои очекуваат значителен број средства.
Извор: Delcevo365.mk
