
Македонска Каменица 23.05.2018 година – Оливера (Вера) ЈОЦИЌ, (село Синѓелиќ – Хасанбегово, Скопско на 21 август 1923 – 23 мај 1944, село Саса, Македонска Каменица) истакнат припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна на Македонија. Како гимназијалка во 1941 г. станала член на младинската комунистичка организација СКОЈ. По Априлската војна во 1941 г. семејно заминале за Валево, Србија, каде што со сестрите станала борец во Јастребачкиот партизански одред и била примена за член на КПЈ во октомври 1941 г. По илегалната партиска дејност во Ниш во зимата 1942 г., продолжила како борец во Јастребачкиот партизански одред, потоа во Врањскиот партизански одред од средината на 1942 г., па била заменик-политички комесар на Третиот кумановски партизански одред од крајот на 1943 г.

Подоцна била заменик-политички комесар на Кумановскиот баталјон „Орце Николов“, на баталјонот „Христијан Тодоровски-Карпош“ и на Првиот баталјон на Третата македонска бригада од 24 февруари 1944 г. Во Пролетната непријателска офанзива била тешко ранета кај селото Страцин, Кумановско на 20 мај 1944 г. и по три дена им подлегнала на раните. Воспеана била во познатата песна на Ацо Шопов со наслов „Очи“. Прогласена била за народен херој на Југославија на 22 декември 1951 г.
