
Лани, меѓу 1800 прашања, пријави, поднесоци до ОПМ, најмногу биле оние за софтверските грешки кај мобилните телефони, кои еден ден по купувањето мора да се носат на сервис. Купувачите се жалеле и на производите за домаќинство што најчесто имаат рок на траење колку што е гаранцијата. За Организацијата на потрошувачи важно е и тоа што има сѐ помалку сервисери за овие производи. Затоа, во новата регулатива за заштита на потрошувачките права ќе го вклучат и барањето од Стопанската комора на Македонија за одговорност на сервисерите за поправките на производите.
„Во новиот законот внесуваме решенија согласно европските директиви, како и решенија што произлегуваат од практиката. Повеќе ќе ги ангажираме судовите и ќе ги видиме можностите за колективната заштита која, според процесните правила, сега е невозможна. Да може Организацијата на потрошувачи, во име на сите потрошувачи, да побара да биде отстранета некоја нечесна практика. Ќе ја засилиме и улогата на пазарните инспектори, кои со сегашните овластувања не можат да ги задоволат потребите“, објасни професорката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска. (А.С.)
Е-продавниците не нудат откажување на нарачките
Купувањето преку интернет кај нас не е многу застапено, иако имаме широкопојасен интернет, кој не е многу скап. Само 25 отсто од потрошувачите купувале онлајн, во најголем дел обувки, текстил, но не и пософистицирани производи. Е-продавниците не се усогласени со актуелниот Закон за заштита на потрошувачи, затоа што не нудат можност за откажување на договорите во рок од 14 дена.
Чоколади без какао, кредити со нечесни клаузули
И покрај настојувањата и активноста на Агенцијата за храна и ветерина, според проф. Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, лабораториски испотувања покажале дека чоколадите за деца на нашиот пазар, иако се декларирани дека имаат млеко и какао, воопшто го немаат.
„Сѐ уште има нечесни клаузули во банкарските договори, во договорите за осигурување. Сите ние сме клиенти на банките и кога сакаме да добиеме кредит се согласуваме на сѐ. Патот за заштита на потрошувачите од ваквите нечесни клаузули во правниот лавиринт не е сосема јасен. Затоа со новиот закон ќе настојуваме да се овозможи судиите по службена должност да водат сметка за нечесните клаузули и да ги огласуваат како ништовни“, изјави Дабовиќ-Анастасовска. Според неа, нечесна практика е и претворањето на супата за 4 чинии кај многу производители во супа за 3 чинии.
