
Покрај сите други аномалии и црни точки што претставуваат реална опасност за сите патници и возачи на патот помеѓу село Истибања и Македонска Каменица, некој се сетил дека може истиот да го претвори во простор за чување и пасиште за крупен добиток. Загрозени возачи и загрижени граѓани често реагираат до надлежните органи, но до сега нема никаква реакција во насока за решавање на овој секојдневен проблем. На овој дел од патот, особено во близина на маало “Драки”, секојдневно може да се забележат околу 20 и повеќе грла крупен добиток (крави), кои буквално шетаат, се хранат, а често пати дури и спијат на самиот коловоз, без да има лице кое што се грижи за истите. Препуштени се сами на себе како преку ден, така и во текот на ноќта, кога опасноста заради непреглениот терен и лошите услови на патот е уште поголема.

Овој дел од патот административно му припаѓа на градот Виница, но со овој проблем секојдневно се среќаваат пред се возачите и граѓаните од околните општини, особено жителите на Македонска Каменица, како и на Делчево и Кочани.

Не треба секогаш првин да се случи најлошото па потоа да реагираме. Овој текст кој пред се е резултат како реакција на многу од граѓаните и возачите, нека биде апел до надлежните, пред се до МВР и Македонија Пат, да ги преземат потребните соодветни мерки како кон несовесните сточари, така и кон означување на коловозот од овој дел на соседната општина Виница.

