По овие скали до шести спрат во зградата, наречена Бродот во Делчево, треба да се качува и симнува секој ден 27-годишната Марина, лице со церебрална парализа, за да стигне до станот кој им го додели државата.Радоста на Марина и нејзината мајка од веста дека државата се сетила на нив, многу брзо се претворила во очај, кога виделе дека за нив е невозможна мисија да стигнат до станот.

- Во Бродо ни дадоа една соба ама на шести спрат, тоа дете е инвалид јас сум самохрана мајка, изнемоштена ништо не гледам имам перде на очите. Јас живеам за тоа дете…седмаче ми се роди од 1,5 кг го исчував, изјави Ленка Десподовска, мајка на Марина.
Голготата на ова семејство започна откако насилно беа иселени од Старото пожарно, зграда каде живееја 4 социјални случаи, а општината ја изгуби поради долг кон поранешен директор на ЈПКД „Брегалница“.

- Многу ми е мака што си немаме покрив над главата ги молам сите позлатени луѓе да ни дадат две соби да има купатилце, многу ми е мака, дали ќе дојдам до свој стан, вели Ленка Десподовска, мајка на Марина.
Условите каде сега живеат под кирија се очајни, немаат вода, тоалетот е во дворот, кровот прокиснува од сите страни, а претстојната зима го уклучува алармот дека овде нема услови за живот на самохрана мајка која е полуслепа и дијабетичар и дете со хендикеп.

- Не можам да се качувам по скалите зимно време помрзнува, нема вода, тука не може да се живее.Јас ги замолувам сите да ни дадат социјален стан на понизок спрат, вели Марина Попалиска.
Парадоксалната одлука на Комисијата за станбени прашања при Владата е стара скоро една година. Дали новите писмени барања упатени до МТСП и јавно изречената молба на ова семејство, ќе допре до надлежните за да си ја преиспитаат одлуката и на Марина, лице со посебни потреби да и доделат стан до кој таа ќе може и да стигне.

