Пожарот од минатата недела што ги зафати периферните делови на Македонска Каменица и делови од блиската околина на градот, и покрај брзата интервенција на пожарникарите успеа со себе однесе околу 60 хектари борова и дабова шума. Кон негово гаснење, покрај единиците на ТППЕ од Македонска Каменица беа вклучени и околните ТППЕ од Делчево, Кочани и Виница. Активно вклучени во гасењето на пожарот беа и вработени во комуналните претпријатија ЈП Камена Река од Македонска Каменица и ЈП Брегалница – Делчево, дел од вработените во Шумско стопанство Голак – Делчево и нивната подружница во Македонска Каменица, единица на Шумска полиција, членови на Ловно друштво од М. Каменица, вработени во ООУ Кирил и Методиј – Македонска Каменица, како и мал дел од месното население. Исто така беше испратена и аеро-подршка од Дирекцијата за заштита и спасување (ДСЗ) составена од два противпожарни авиони.

Ние остваривме разговор со командирот на ТППЕ во Македонска Каменица, г-дин Малин Трајчевски кој најпрвин ја истакна својата благодарност кон сите оние кои се приклучија кон единиците на ТППЕ од Македонска Каменица и активно учествуваа во гасењето на пожарот. Со нивната несебична подршка успеавме за релативно кус период огнот првин да го локализираме, а потоа и да го ставиме под контрола и целосно да го изгаснеме пожарот кој беше еден од најголемите до сега на територијата на Македонска Каменица. Голема пречка при гасењето беше изразито непристапниот терен, недостигот на човечки потенцијал потребен за вакви акции на отворен и огромен простор, особено кога станува збор за гасење на висока борова шума. Затоа уште еднаш во име на сите нас пожарникарите, апелирам до сите наши сограѓани и жители на Македонска Каменица, во вакви случаи и критични моменти, кога станува збор за загрозување на нашата околина, покуќнина и животи, да проработи свеста и моралноста кај сите нас и да земеме поголемо непосредно учество во акциите што се изведуваат на терен.

Во понатамошниот тек од разговорот тој ги истакна и превентивните мерки што треба да се преземаат од сите надлежни институции со кои најпрвин ќе се спречат вакви непогоди, а при појавување на истите ќе може на многу полесен начин да се интервенира и навремено да се реагира:
- Особено важно и од голема корист во справувањето со пожарите, особено кога станува збор за висока борова шума, е одржувањето на шумските патишта и засеци, како и создавање на широки шумски појаси и пресеци. Бидејќи во гаснењето на ваков тип на пожари покрај бројноста на човечкиот расположлив потенцијал, од особена важност е и неговото непречено движење на теренот, заедно со механизацијата приспособена за делување на вакови непристапни терени и акции. Ние во текот на минатата година организиравме и трибини во сите месни заедници од селските средини во општина Македонска Каменица, за тоа на кој начин мештаните да делуваат и да се однесуваат во вакви и слични непогоди и ситуации. Но, за зал многу пати состојбата на терен е сосема поинаква, голем дел од предвидените редовни активности остануваат само на лист хартија. Ние како ТППЕ – Македонска Каменица, во соработка со сите надлежни институции и во иднина ќе продолжиме да работиме кон понатамошно подобрување на условите за работа на терен и за изнаоѓање на уште поусовршени начини и модели за управување и успешно справување со ваков вид на непогоди и кризи, во кои директно е загрозен имотот, а често пати и животот на граѓаните.
Пожарот што беше активен во непосредна близина на населениот дел од Македонска Каменица и постоеше голема опасност да зафати и дел од куќите на периферниот дел од градот, најверојатно е причинет од човечки фактор. Истражните органи при МВР секојдневно се на терен со цел за утврдување на сторителите.




