Хрватскиот портал „Индекс.хр“ објави сторија, според која на Фејсбук веќе некое време, сосема јавно и без никаква цензура постојат неколку групи наменети за корисниците од Хрватска и регионот, а кои отворено промовираат и повикуваат на инцест, педофилија и други форми на девијантно сексуално однесување.
Како што наведува порталот, едната од овие групи има над 1.800 членови, а пристапот до неа е застрашувачки едноставен.
Поточно, со два клика од кое било дете, кое ја користи таа социјална мрежа се наоѓа содржина, од која дури и на возрасните им се превртува желудникот.
Новинарка на „Индекс“ со лажен профил, без никаков проблем и со еден клик, станала членка на групата и минала неколку дена во комуникација со нејзините членови. Според неа, во тој период, немало никаква недоверба, никакви проверки.

„Најмногу сакам помлади од 13“, „Прераскажете ги своите искуства со инцестот“, „Најслатко е меѓу брат и сестра“, „Бараме уште еден пар за инцест“, се само некои од објавите на кои потоа членовите воодушевено и без никаков проблем дискутираат.
Иако новинарката очекувала дека повеќето профили, кои ги користат членовите се лажни, односно дека корисниците не се регистрирани со вистинското име и презиме, тоа се покажало како погрешно. Значителен дел од членовите на групата имаат вистински профил, што по неколку часа пребарување на Интернет, може мошне лесно да се утврди, се наведува во статијата на порталот.
Загрижувачки е и тоа што во групата членувале и девојчиња од целиот регион. Иако, според фотографиите апсолутно е невозможно да се одреди нивната возраст, според пораките и коментарите кои ги оставаат, прилично е јасно дека станува збор за деца.
Некои отворено бараат спонзори, точно со тој назив, а некои само бараат друштво, кое ќе ги повика на море и ќе им го финансира шетањето.
Администраторите на групата се менуваат, но во текот на тие неколку дена, кои новинарката на „Индекс“ ги минала во групата се смениле тројца или четворица.
