
Во утринските часови на автопатот кај рафинеријата Окта, од страна на полициски службеници сопрено е патничко моторно возило Мерцедес С класа во кој биле пренесувани 12 мигранти, од кои 11 Пакистанци и еден Еѓипќанин.

Четворица од нив биле во гепекот на автомобилот, а останатите во возилото, информираше новиот директор на Бирото за јавна безбедност, Лазо Велковски.
Насилното сопирање на возилото траело околу еден час при што возачот на автомобил на патарината кај Велес ја скршил рампата.
МВР во соработка со Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во текот на вчерашниот ден спроведе координирана акција на неколку локации во државата при што биле извршени претреси во домови и други простории по наредба на судија на претходна постапка кај лица осомничени за кривични дела – Криумчарење мигранти по член 418-б и Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти по чл.418-в од Кривичниот законик.
Најдени се шест моторни возила, 27 илјади евра во кеш, пиштол, мобилни телефони и сим картички.
Македонски државјани учествувале во криумчарењето мигранти.
