Почна да попушта старата куќа на четиричленото семејство Бачовски од Берово. Неодамна се срушил едниот ѕид, куќата распукала на сите страни, а 50-годишната Данка која од лани е вдовица и живее со 900 денари социјална помош месечно, не може да издвои средства за да го сопре рушењето на куќата.
- Пензија не можев да земам, мажот ми немаше стаж, а јас имам стаж ама немам години за пензија. Живеам со двете ќерки и внуката од 13 години. Немам друг излез не сме вработени ниту еден од фамилијата. Ми треба помош и ги замолувам сите кои можат да ми помогнат, рече низ солзи Данка Бачовска.
Ова семејство сега живее во страв во сопствената куќа.
- Тоа не е за чекање од ден на ден, колку повеќе се чека толку е поопасно. Целата куќа ќе се сруши. Овде се работи за живот. Додека спиеме не знаеме што ќе се случи, вели Бачовска.
Приказната на оваа жена е тешка, а безизлезот започнал откако станала технолошки вишок од фирмата каде работела 20 години.
- После се сум работела, сум собирала коприви, со 900 денари социјална помош тешко се живее. Многу тежок живот живеам, каде да одам, сега продавам икони, многу е тешко, сакам сите да го дознаат тоа, вели Данка.

Данка се обратила и до Општина Берово и до Центарот за социјални работи, сега од нив чека помош, но помош чека и од хуманите за таа и нејзините две ќерки и внуката да не станат бездомници.

