Крива Паланка и Баскет Кам 2011 денеска од 18:00 часот ќе се борат за првиот трофеј во новата сезона, во рамките на женскиот Суперкуп „Драган Василов Цевка“. Актуелниот шампион ќе се обиде првпат да го освои престижниот пехар, додека тимот од Македонска Каменица ќе ја брани титулата освоена во последните четири изданија.
За Крива Паланка ова ќе биде можност одличната мината сезона да ја круниса со уште еден трофеј, додека Баскет Кам 2011 влегува во дуелот како актуелен освојувач на Суперкупот, откако минатата година во финалето го совлада Вардар.
Шефот на стручниот штаб на Крива Паланка, Виктор Петровски, очекува неизвесен натпревар и верува дека неговиот тим може да ја пренесе работата од подготовките на теренот.
„Секогаш првиот натпревар носи одредена посебна енергија, особено кога станува збор за натпревар за трофеј. За нас ова е можност да покажеме до каде сме стигнале со подготовките и да ја пренесеме работата од тренинзите на терен. Свесни сме дека сезоната е долга, но сакаме да започнеме со трофеј за уште посилен мотив пред стартот на првенството“, изјави Петровски.
Од другата страна, тренерот на Баскет Кам 2011, Јордан Цветановски, и покрај промените во составот верува во својата екипа.
„Не очекува тежок натпревар против Крива Паланка, која е квалитетна екипа и актуелен шампион. Ние, иако не сме комплетни, веруваме во нашите квалитети. Ќе дадеме максимум од првата до последната минута и се надевам дека ќе успееме да го освоиме Суперкупот“, порача Цветановски.
Дуелот за трофејот во Суперкупот кај дамите ќе се одигра во салата „Бранители 2001“ во Крива Паланка

