Советот на Општина Пехчево ја отфрли иницијативата за изградба на дата-центар во селото Панчарево
Проектот претходно предизвика интерес и дебата околу можните економски придобивки, но и прашања за транспарентноста, потрошувачката на електрична енергија и вода и потребната инфраструктура.
Во претходно објавените информации беше наведено дека не се објавени доволно детали за инвеститорот, планираниот капацитет, потрошувачката на струја и вода и економските ефекти од проектот.
Темата отвори и пошироко прашање за иднината на дата-центрите во Македонија, особено во услови кога глобално расте потребата од инфраструктура за вештачка интелигенција. Според податоците на Меѓународната агенција за енергетика, потрошувачката на електрична енергија од дата-центрите во светот значително ќе расте до 2030 година.
Иако дата-центарот може да донесе инвестиции, работни места и приходи за локалната заедница, ваквите проекти бараат доволен енергетски и воден капацитет, мрежна инфраструктура и јасна проценка на влијанието врз животната средина.
Со отфрлањето на иницијативата, Пехчево засега нема да продолжи со овој проект, но останува прашањето под кои услови Македонија во иднина треба да ги одобрува ваквите инвестиции.

