ПРЕТСТАВНИЦИ НА КУД „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ ОД ОКСФОРД ВО ПОСЕТА НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ИСЕЛЕНИШТВО
Најавени „Македонски денови во Обединетото Кралство“ и два концерта на ансамблот „Танец“ во Лондон и Оксфорд по повод 35 години независност

Скопје, Македонија – Агенцијата за иселеништво денеска оствари средба со Габриела и Кирил Цекови, претставници од Управниот одбор на Културно-уметничкото друштво „Св. Кирил и Методиј“ од Оксфорд, Англија.
На средбата со директорот на Агенцијата, Горан Ангелов, претставниците од Оксфорд информираа за почетокот на наставата по македонски јазик за децата од македонската заедница, за активностите на новоформираната црковна општина „Св. Ѓорги Кратовски“ во Оксфорд, како и за претстојниот Проект „Македонски денови во Обединетото Кралство“.
Како што беше соопштено, проектот има за цел достоинствено да одбележи 35 години од независноста на Република Македонија, преку промоција на македонската култура, традиција и духовно наследство, како пред македонската дијаспора во Обединетото Кралство, така и пред британската јавност.
Во рамките на проектот се најавени два големи концерти на Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“. Концертите ќе се одржат на 16 септември во Лондон и на 18 септември во Оксфорд.
За потребите на наставата по македонски јазик во Оксфорд, директорот Ангелов подари учебен материјал и истакна дека Агенцијата за иселеништво има приоритетна обврска да ја поддржува наставата и изучувањето на македонскиот јазик во иселеништвото.

