Христијанската православна црква и нејзините верници од утре 14-ти август ги започнуваат Богородичните пости, кои траат две недели се до 28-ми август на големиот празник Успение на Пресвета Богородица.
Постот е духовна и физичка подготовка за празникот Успение на Пресвета Богородица и не е само воздржување од мрсна храна, туку и воздржување од лоши мисли, зборови и дела, како и зајакнување на молитвите и правење милосрдие.
Успение на Пресвета Богородица е еден од празниците на Богородица и се празнува на 28 август. Богородичниот пост е на вода, освен во сабота и недела кога е дозволено масло и вино и на Преображение кога може да се консумира риба.
Ова е еден од најголемите христијански празници и се слави смртта на Богородица, која на овој ден се вознесува на небото и го предава својот дух на Спасителот.
Инаку денес се празнува Поклади пред Успенскиот пост.
Името Поклади го добиле по обичајот на овој ден да се простуваат сите навреди, за да ни се простат долговите и на тој начин да се ослободиме од долговите, што почисто да влеземе во периодот на претстојниот пост.

