Каменичка парохија со повик до верниците: Утре заедничка молитва за Светите Седмочисленици и Свети Пантелејмон
Македонска Каменица – По повод 10-та Недела по Педесетница, кога Светата Православна Црква ги прославува Светите Седмочисленици – словенските просветители и Светиот великомаченик и целител Пантелејмон, Каменичката парохија упати повик до сите верници за заедничко богослужение.
Светата Божествена Литургија ќе се служи утре во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Каменица, со следниот распоред:
07:00 часот – Воскресна Утрена
08:00 часот – Света Божествена Литургија
Од парохијата потсетуваат дека празникот не треба да се сфати само како ден без работа, туку како дар од Бога – ден кога верникот застанува пред Господа за да Му заблагодари, да се помоли и, доколку е духовно подготвен, да пристапи кон Светата Причест.
„Да не дозволиме неделата и празникот да ни поминат само во секојдневни грижи. Да му дадеме на Бога време, а на својата душа – мир. Дојдете да се помолиме заедно, да ги прославиме светителите и да ја започнеме неделата со Христа“, се вели во повикот.
Од Каменичката парохија ги повикуваат сите верници да присуствуваат на богослужбата и заеднички да го прослават празникот.
„Ве очекуваме во храмот! Свети Седмочисленици и Свети великомачениче Пантелејмоне, молете Го Бога за нас!“, порачуваат од парохијата.

