Градоначалникот Гоцевски ја поздрави иницијативата за воведување на македонскиот јазик во образовниот процес во Пиемонт – Потпишан трилатерален договор меѓу општините Делчево, Македонска Каменица и Рикалдоне
Рикалдоне, 18. Јули 2026 – Трилатарален договор за соработка денеска во италијанската Општина Рикалдоне потпишаа градоначалниците на Делчево, Иван Гоцевски, на Рикалдоне, Лаура Грациела Бруна и на Македонска Каменица, Соња Стаменкова.

На потпишувањето присуствуваа генералната конзулка на Македонија во Венеција, Фросина Ременски и претседателот на македонското здружение „Заедно – Insieme“ од Пиемонте, Златко Милчевски.
“Продолжуваме одговорно, посветено и со јасна визија – да ги отвораме вратите кон Европа и светот, – вели Гоцевски, додавајќи дека со ваквите договори се создаваат нови можности за развој и подобра иднина за сите наши граѓани.

Договорот отвора соработка во образованието, културата, туризмот и економијата, а како клучен чекор е најавено воведувањето на македонскиот јазик во образованието во регионот Пиемонт.
“Особено сум горд што дел од оваа иницијатива е воведувањето на македонскиот јазик во образовниот процес во регионот Пијамонт. Тоа е силна порака за грижата кон македонската заедница во Италија и важен придонес во зачувувањето на нашиот јазик, култура и национален идентитет, – истакнува градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски
Овој договор, градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова не го гледа како формалност, туку како обврска за создавање на конкретни проекти, нови можности и резултати кои ќе бидат од корист за нашите граѓани.
Упатувајќи искрена благодарност до градоначалничката Лаура Грациела Бруна и на Општина Рикалдоне за долгогодишната поддршка на македонската заедница, Стаменкова ја истакна и поздрави почитта што ја покажуваат кон македонскиот јазик, култура и традиција.
“Убедена сум дека ова партнерство ќе прерасне во успешна соработка со видливи резултати во образованието, културата, младинските политики, туризмот, економскиот развој и европските проекти” – додаде градоначалничката Стаменкова во својата изјава на социјалните мрежи.

Вечерва, во организација на здружението „Заедно – Insieme“, во Рикалдоне ќе се одржи и Македонска вечер, на која ќе настапи и возрасната женска фолклорна група при КУД „Вера Јоциќ“ од Македонска Каменица.

