Општина Делчево и библиотеката „Илинден“ воведуваат достава на книги до домовите на повозрасните граѓани
Делчево, 8 јули 2026 – Јавната локална библиотека „Илинден“ од Делчево, со поддршка од општината и градоначалникот Иван Гоцевски, започнува со бесплатна достава на книги до домовите на повозрасните и граѓаните кои од здравствени или други оправдани причини не можат лично да ја посетат библиотеката.

Иницијативата произлезе од вчерашната средба на раководството на библиотеката со група редовни членови – пензионери, кои повторно го отворија прашањето за пристап до книги во услови на екстремни температури или физички пречки, меѓу кои и фактот дека објектот на библиотеката нема лифт.
„Понекогаш желбата за читање е поголема од можноста да се дојде до библиотеката“, соопштија од ЈЛБ „Илинден“. По барањето за поддршка, градоначалникот Гоцевски утрово потврдил дека Општина Делчево ќе обезбеди логистика за достава секогаш кога ќе биде потребно.
„Книги ќе стигнуваат до сите наши повозрасни читатели, како и до сите оние кои поради здравствени или други причини не се во можност лично да ја посетат библиотеката“, истакна Гоцевски.
Од библиотеката нагласуваат дека новата услуга е многу повеќе од обична достава: „Ова не е само достава на книги, ова е превоз на знаење, надеж, радост и чувство дека некој не е заборавен. Веруваме дека библиотеката треба да биде достапна за секого“.
Сите членови кои имаат потреба од достава можат да ја нарачаат посакуваната книга со порака преку официјалната фејсбук страница на ЈЛБ „Илинден“ или на мејл адресата на библиотеката, со наведување на насловот, адресата и контакт телефон.
Од библиотеката упатија благодарност до градоначалникот Гоцевски за поддршката и за вреднувањето на библиотеката како значајна културна институција во градот.

