ВИНИЦА: Владата го раскина договорот за концесија за ХЕЦ „Блатешница“ – Костадиновски: „Значајна победа за жителите на Блатец“

Виница, 6 јули 2026 – Градоначалникот на Општина Виница, Митко Костадиновски, денеска соопшти дека Владата на Република Македонија донела одлука за еднострано раскинување на договорот за концесија за изградба на хидроелектрана на реката Блатешница, во атарот на село Блатец.
Одлуката доаѓа откако Општина Виница претходно утврди дека Одобрението за градење издадено на инвеститорот престанало да важи на 13 август 2025 година, согласно член 68 став (1) од Законот за градење.
„Во втората половина на февруари, со официјален допис го известив инвеститорот дека Одобрението за градење на хидроцентралата на реката Блатешница престанало да важи на 13.08.2025 година“, изјави Костадиновски.

Тој додаде дека инвеститорот бил јасно предупреден за правните последици од евентуални понатамошни активности на терен. „Воедно го предупредив дека доколку преземе какви било градежни дејствија по престанокот на важноста на одобрението, истите ќе се сметаат за бесправно градење, односно бесправна градба, и ќе претставуваат основ за поведување соодветни постапки согласно важечките законски прописи“, потенцира градоначалникот.
За целата постапка и престанокот на важноста на одобрението, Општината со посебен допис го известила и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Целта, според Костадиновски, била „оваа околност да биде земена предвид при одлучувањето за евентуално продолжување на договорот за концесија“.
Денешната одлука на Владата за раскинување на концесискиот договор, Костадиновски ја оцени како клучен чекор. „Денес е извојувана уште една значајна победа за жителите на село Блатец. Со Одлука на Владата на Република Македонија, еднострано е раскинат и договорот за концесија, со што се заокружува уште еден важен чекор во заштитата на јавниот интерес и природните вредности на овој простор“, истакна тој.
Изградбата на малата хидроелектрана на реката Блатешница во изминатиот период предизвика реакции кај дел од локалното население и еколошки организации, кои изразија загриженост за влијанието врз речниот екосистем и водоснабдувањето.
Со раскинувањето на концесискиот договор и престанокот на важноста на градежното одобрение, постапката за реализација на овој енергетски проект формално се запира.
Од Општина Виница најавија дека ќе продолжат да ги следат сите активности поврзани со заштитата на реката Блатешница и интересите на граѓаните.

