Во Кавадарци денеска се одржа првиот консултативен настан за унапредување на меѓуопштинската соработка, на кој беа презентирани измените и дополнувањата на Законот за меѓуопштинска соработка, во присуство на претставници на четири плански региони.
На настанот се обрати заменик министерот за локална самоуправа Ерџан Селими, кој истакна дека меѓуопштинската соработка претставува еден од најважните механизми за поефикасно извршување на локалните надлежности, подобро користење на расположливите ресурси и обезбедување поквалитетни услуги за граѓаните.
Во своето обраќање, Селими нагласи дека предложените законски измени не претставуваат суштинска промена на постојниот концепт, туку негово унапредување со цел законот да стане појасен, попрактичен и полесно применлив за општините. Тој посочи дека компаративните анализи покажале дека успешната меѓуопштинска соработка не зависи само од законската можност за нејзино воспоставување, туку и од постоењето на јасни процедури, стандардизирани модели, методолошка и финансиска поддршка, транспарентност и ефикасни механизми за следење на нејзината примена.
Настанот каде домаќин беше Општина Кавадарци, обедини претставници од 33 општини од Североисточниот, Источниот, Југоисточниот и Вардарскиот плански регион.
На консултативниот настан присуствуваа голем број градоначалници, претседатели на општински совети, претставници на општинската администрација и граѓанскиот сектор, како и членови на Комисијата за меѓуопштинска соработка и на Работната група за подготовка на измените и дополнувањата на Законот за меѓуопштинска соработка.
Во рамки на агендата, државниот секретар м-р Јулијана Павковска Боцевска ги презентираше активностите што Министерството за локална самоуправа ги спроведува за унапредување на меѓуопштинската соработка и имплементација на препораките од оценските мисии во областа на демократските институции и реформата на јавната администрација.
Во рамки на презентациите беа предложените правни решенија, кои произлегуваат од три меѓусебно поврзани аналитички основи: компаративна анализа на регионални и европски модели, правен преглед на националната рамка и синтетичка хармонизациска оценка на постојните правни можности, предизвици и ризици.
Во текот на дискусијата учесниците активно се вклучија со свои предлози и мислења, при што беше оценето дека меѓуопштинската соработка има значајна улога во јакнењето на капацитетите на општините, поефикасното обезбедување јавни услуги и поттикнувањето на рамномерниот регионален развој.
Активноста се реализира во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети – Фаза 2“ кој е финансиран од Швајцарска влада и Министерството за локална самоуправа, а го спроведува и кофинансира УНДП.

