Македонската тенисерка Лина Ѓорческа ќе го одигра својот историски прв натпревар во главната ждрепка на Вимблдон во вторник, 30 јуни, со почеток од 12:00 часот по средноевропско време.
Организаторите на третиот Гренд слем турнир во сезоната го објавија распоредот за натпреварите од првото коло, со што е потврдено дека Ѓорческа ќе настапи на теренот број 2, кој располага со капацитет од околу 4.000 гледачи.
Македонската тенисерка, која преку квалификациите обезбеди место во главната ждрепка, ќе се соочи со шестиот носител и минатогодишна финалистка, Аманда Анисимова.
Нивниот меч ќе ја отвори дневната програма на теренот број 2 во вториот натпреварувачки ден на Вимблдон.
Настапот на Ѓорческа претставува историски момент за македонскиот тенис, бидејќи таа е првата македонска тенисерка што успеала да избори пласман во главната ждрепка на најпрестижниот светски тениски турнир. Очекувањата се големи, а љубителите на тенисот во Македонија со нетрпение го очекуваат нејзиниот дебитантски настап на тревата во Лондон.

