Гоцевски: Теледерматологијата во Делчево штеди време, пари и патувања за пациентите
Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, вчера ја посети новата амбуланта за теледерматологија во Здравствениот дом. Станува збор за проект на Министерството за здравство, преку кој граѓаните од Делчево и регионот ќе добиваат специјалистички дерматолошки прегледи без да патуваат во поголемите медицински центри.
„Ме радува што нашите граѓани ќе добиваат квалитетна услуга и мислење од специјалист тука, во Делчево, без дополнителни чекања, трошоци и нервози“, истакна Гоцевски по посетата. Тој додаде дека токму ваквите иновативни методи значително ја подобруваат здравствената заштита во помалите места, особено при недостиг на лекари специјалисти.
Градоначалникот изрази благодарност до Владата, Министерството за здравство и здравствените работници вклучени во проектот. Потсети дека Општина Делчево веќе го стави во функција и првиот апарат за далечинско мониторирање на пациенти во Интерната амбуланта, како дел од системот за нега на постари лица.
„Продолжуваме со проекти кои носат подобри услови и поквалитетни услуги за граѓаните“, порача Гоцевски.

