Пензионерите што сакаат да работат и се во добра здравствена состојба треба да добијат законска можност за вработување, особено во приватниот сектор, порача директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, Никола Мемов.
Тој учествуваше на тркалезната маса „Недостигот на работна сила: од предизвик до можност преку активно стареење и искористување на позитивни искуства“, организирана од Комората на Македонија за приватно обезбедување, каде што главна тема беше недостигот на работна сила во секторот и можните решенија за надминување на овој предизвик.
Во своето обраќање, Мемов истакна дека Фондот на ПИОМ не креира политики, но преку своето искуство може да понуди предлози за подобрување на состојбите на пазарот на трудот.
– Сметам дека пензионерите што сакаат и се во добра здравствена состојба, треба да имаат можност за работа. Актуелната состојба на пазарот на трудот покажува дека има потреба од нив. Во областа на приватното обезбедување, тие навистина може да дадат придонес, бидејќи поседуваат големо искуство и ги имаат бараните вештини – рече Мемов.
Тој нагласи дека ваквото решение би требало да се однесува исклучиво на приватниот сектор и би донело придобивки за сите засегнати страни.
– Со вработувањето на пензионерите, работодавците ќе имаат лица со кои ќе ги пополнат работните места и за кои ќе плаќаат придонеси. Со тоа, корист ќе има државата, бидејќи ќе прибира средства за пензиско, здравствено осигурување и други давачки, а корист ќе имаат и самите пензионери, бидејќи ќе имаат и пензија и плата – потенцираше директорот на Фондот за ПИОМ.
Професор д-р Лазар Јовевски оцени дека прашањето за недостигот на работна сила е директно поврзано со иднината на државата. Според него, постојат две можни насоки за справување со проблемот: увоз на работна сила или внатрешна реорганизација и подобро искористување на домашните ресурси.
– Ако се определиме за вториот пристап, ќе биде неопходно да се редефинира правно-економската рамка и да се создадат нови можности за вработување и функционирање на пазарот на трудот – истакна Јовевски.
Претседателката на Комората за приватно обезбедување, м-р Верица Милеска-Стефановска, посочи дека секторот веќе подолг период се соочува со сериозен недостиг на кадар. Таа наведе примери од земјите во регионот каде што пензионерите можат да работат без да го загубат правото на пензија.
Учесниците на тркалезната маса се согласија дека се потребни брзи законски измени со кои ќе се овозможи ангажирање на пензионерите, што би помогнало во надминувањето на недостигот од работна сила и во пополнувањето на слободните работни места во секторот на приватното обезбедување.

