„Да ја запознаеме православната богослужба – патување низ молитвениот живот на Црквата“
Многумина го познаваат храмот, но не секогаш го познаваат богатството на богослужбите што се служат во него. Православната Црква низ вековите создала богослужбен поредок кој го осветува секој дел од денот и секој момент од човековиот живот. Во следниот период, секоја вечер во 19 часот ќе започнеме серијал во кој ќе ги објасниме значењето, содржината и духовната смисла на секоја богослужба, за секој верник да може посвесно и подлабоко да учествува во молитвениот живот на Црквата.

Зошто се служат толку различни Богослужби во Православната Црква? Зошто некогаш слушаме дека има вечерна, другпат утрена, понекогаш мало или големо повечерие, а во некои денови Василиева, а во други Златоустова Литургија? Дали сите тие служби имаат свое место и значење?
Во времето во кое живееме многумина ја доживуваат Црквата само како место каде што се доаѓа во недела наутро за да се запали свеќа или да се присуствува на Литургија. Но, православното Богослужение е многу подлабоко и побогато. Тоа е непрекинат молитвен живот кој го осветува секој дел од денот, секоја седмица и секој празник во годината. Како што човекот секојдневно има потреба од храна за телото, така душата има потреба од молитва и заедница со Бога.
Црковниот ден не започнува наутро, туку навечер. Затоа првата служба е Вечерната богослужба. На неа се потсетуваме на создавањето на светот, на падот на човекот и на Божјата љубов која никогаш не го оставила човештвото. Токму затоа големите празници започнуваат со вечерна служба уште претходниот ден. Кога доаѓаме на вечерна, ние всушност влегуваме во празникот уште пред да настапи утрото.
По вечерната следува Повечерието. Тоа е молитва со која верникот го завршува денот и да му се предаде целосно на Бога пред ноќниот одмор. Во текот на годината најчесто се служи Мало повечерие, кое е пократко и се користи во обичните денови. За време на Великиот пост пак, се служи Големо повечерие, подолго и подлабоко покајничко Богослужение, во кое верниците особено се повикуваат на покајание и духовно преиспитување. Во првата седмица од Великиот пост токму на Големото повечерие се чита покајниот канон на свети Андреј Критски, додека во петоците од Великиот пост се чита Акатист кон Пресветата мајка Божја Богородица.

Кога ќе се разденува, Црквата го пречекува новиот ден со Утрена. Ова е една од најбогатите и најсодржајни служби во православното богослужение. На неа се пеат тропари, канони, псалми и химни кои го објаснуваат празникот или воскресението Христово. Кога се служи во недела, се нарекува Воскресна утрена и целосно е посветена на Христовото воскресение. Затоа на неа постојано се слуша радосната порака дека Христос ја победил смртта. Кога се служи за голем празник, тогаш е Празнична утрена и преку песнопенијата го објаснува значењето на самиот празник. Многу верници доаѓаат само на Литургијата, а не знаат дека најголемиот дел од богословието и духовната поезија на Црквата се содржани токму во Утрената.
Меѓу Утрената и Литургијата се читаат Часовите. Тоа се кратки богослужби кои потсетуваат на најважните моменти од Христовите страдања. Третиот час нè потсетува на слегувањето на Светиот Дух, Шестиот час на распнувањето на Христос, а Деветтиот час на Неговата спасоносна смрт на Крстот. Со нив Црквата го осветува текот на денот и нè учи постојано да живееме во спомен на Божјото дело за спасението на светот.
Круна на сите богослужби е Светата Божествена Литургија. Таа не е само една од службите, туку срцето на православниот живот. На Литургијата не сме само набљудувачи, туку учесници во Тајната Вечера на Господ Исус Христос. Тука лебот и виното стануваат Тело и Крв Христови, а верниците преку Светата Причест се соединуваат со својот Спасител.
Во текот на годината најчесто се служи Литургијата на свети Јован Златоуст. Таа е малку пократка и се служи во повеќето недели и празници. Литургијата на свети Василиј Велики е подолга и содржи особено длабоки молитви. Таа се служи само десетина пати годишно: во неделите на Великиот пост, на Велики Четврток, Велика Сабота, на празникот на свети Василиј Велики и во неколку други посебни денови. Кога верниците слушаат дека се служи Василиева Литургија, тоа секогаш означува дека станува збор за особено значаен ден во Богослужбениот календар.
Покрај нив, во деновите на Великиот пост се служи и Литургијата на Претходноосветените Дарови. Таа е единствена по тоа што на неа не се осветуваат нови Свети Дарови, туку верниците се причестуваат со Дарови осветени на претходната неделна Литургија. Таа сведочи за големата љубов на Црквата кон верниот народ, за и во покајничките денови на постот да не остане без духовна храна.
Секоја од овие богослужби има свое место и своја улога. Тие не се создадени случајно, туку се плод на вековното духовно искуство на Црквата. Затоа, кога влегуваме во храмот, не влегуваме само на една служба, туку во живиот ритам на Црквата која непрестајно Го слави Бога.
Во наредните објави подетално ќе се запознаеме со секоја од овие богослужби поединечно, за подобро да разбереме што се случува во храмот, зошто се случува и како преку богослужението човекот се соединува со Бога. Зашто колку повеќе ја запознаваме службата, толку подлабоко ќе ја доживуваме благодатта што ни ја дарува Господ.

