ОО Црвен Крст Делчево освои прво место во проектот ЦКА ПХВ
Општинската организација на Црвен крст Делчево ја освои првата награда на националниот проект ЦКА ПХВ за 2026 година. Признанието доаѓа по шест реализирани активности, секоја оценета со највисоката оценка „сонце“.
Волонтерите спроведоа еко акција за уредување паркови со Општина Делчево, реновирање на влезот во детската градинка „Весели Цветови“, како и хуманитарна помош за петчлено семејство од Делчево и тричлено семејство од Македонска Каменица.
Во рамки на проектот беа реализирани и интеркултурна тријазична книга за различностите во заедницата и целосно реновирање на просторија за млади волонтери во Македонска Каменица.
Од ООЦК Делчево упатија благодарност до општините Делчево и Македонска Каменица, Алпин Ком ДОО, ОЈУДГ „Весели Цветови“ и до сите донатори и поддржувачи. „Ова признание е мотив да продолжиме уште посилно. Малите дела со големо срце носат големи промени“, велат од организацијата.
Извор: ОО Црвен Крст Делчево
Текст: Горан Бразда

